Минимални шанси за добивање азил во Шведска со македонски пасоши

Шансите за одобрување азил на македонски граѓани во Шведска, имајќи ги предвид критериумите врз чија основа се проценува потребата за давање заштита на прогонувани лица, се сосема минимални, вели за “Дневник“ Фредрик Бенгсон од службата за информирање при Миграцискиот завод на Шведска (Migrationsverket).

Од 1 јануари до крајот на февруари 23 и лица со македонски пасоши побарале азил во Шведска. Во миграцискиот завод засега немаат подлабоки анализи во врска со состојбите за македонски азиланти, но укажуваат на очигледен пораст на бројот на лицата од Македонија кои побарале азил во оваа нордиска земја.

- На таков заклучок не наведува податокот дека во текот на целата 2009 година вкупно 86 македонски граѓани се регистрирани како баратели на азил во Шведска, а сега имаме бројка од 23 баратели од почетокот на годинава, вели Бенгсон.

Во Миграцискиот завод не се прават процени за можниот азилантски бран од Македонија.

- Во јануари беа поднесени само неколку барања. Новодојдените баратели на азил од Македонија се регистрирани главно во февруари, посчува Бенгсон.

Од 1 јануари годинава се забележува и зголемување на бројот на патниците од Македонија што ги користат услугите на автобуските компании што вршат превоз од Македонија за Скандинавија.

Бројот на барателите на азил во Шведска во текот на минатата година е намален за 17 отсто во споредба со 2008. Според статистиката на шведскиот Миграциски завод, истовремено се намалува и периодот на чекање на одлуката од надлежните органи. Околу 40 отсто од поднесените азилантски барања во Шведска се решаваат во првата инстанца, односно во Миграцискиот завод. На одлука по поднесено азилантско барање во просек се чека седум месеци.

Без оглед на намалениот број азиланти, Шведска и понатаму прифаќа голем број бегалци. Во Европа Шведска е на 4. место според бројот на одобрените азилантски барања. Најмногу азиланти се прифаќаат во Франција и Велика Британија, според податоците што ги посочува шведскиот Миграциски завод на својата веб-страница.

Азилантите се помал дел од вкупната имиграција во Шведска. Мнозинството што имигрираат во Шведска го прват тоа врз база на одобрена работна дозвола, преку склучување брак или преку универзитетски стдии.

.