Интервју со Јован Божиновски, претседател на Македонскиот сојуз во Шведска

Ние сме дел од ова општество и не треба да бидеме пасивни посматрачи
blog   

Господине Божиновски, интеграцијата на доселениците во шведското општество, нивното социјално приспособување, е тема која често го привлекува вниманието на пошироката јавност. Во колкава мера Македонскиот сојуз, односно друштвата и клубовите во неговиот состав, успеваат да се вклучат во дебатата околу ова прашање кое е несомнено важно и кога станува збор за статусот на македонската заедница на овие простори?

-Оваа тема, за жал, не е многу присутна во рамките на македонското организирано живеење во Шведска. Зашто е тоа така, можеби треба да се дискутира, но кај нашите друштва и клубови, а и кај поширокото членство, се добива впечаток дека ние сме социјално етаблирани и дека во тој однос не сме директно загрозени. Се разбира, тоа донекаде е точно, но мислам дека тука има уште многу да се работи и дека состојбите, сепак, не се во толкава мера задоволувачки колку што тоа нам ни се чини.

Мислам дека со ова прашање Македонскиот сојуз во наредниот период треба можеби повеќе да се занимава, затоа што она што се случува околу нас не треба да не остави рамнодушни. Не треба да бидеме пасивни посматрачи затоа што на крајот на краиштата и ние сме дел од ова општетство, така што сето она што се одвива во социјалната сфера директно или индиректно не погодува и нас.

Во македонските друштва и клубови е јасно присутно генерациско разидување. Присутни се главно припадниците на првата генерација македонски доселеници, сега веќе на возраст од шеесетина години и нагоре, додека помладите членови, припадници на втората и третата генерација, мошне малку се вклучуваат во работењето. Кои се прилчините за тоа, според ваше мислење?  

-Оваа е навистина едно болно прашање, но реалноста е таа, за жал. Причините за таквиот развој тешко би можеле да се објаснат со неколку збора. Мислам дека во изминатиот период се направени повеќе пропусти кои доведоа до таква состојба и во тој однос сметам дека подеднакво придонесоа и првата и втората генерација. Но, сепак, се уште верувам дека има време да се подобрат нештатата на овој план и на некој начин да се изврши генерациска смена во работењето на друштвата и клубовите. Првата генерација е веќе на залезот на своето активно ангажирање, се чувствува изморена, па нормално се очекува дека младите ќе покажат барем малку интересирање и ангажираност. Не случајно поговорката вели - на младите светот останува. Но тој свет треба да се освои.  

Како член на Претседателството на МС одговорен сте за прашања и активности од социјално-синдикалната сфера. Една важна област во тие рамки е поврзана со пензиските осигурувања, како и обезбедување услови за активности на пензионерите во нашите друштва. Вое започнавте разговор со пензионерите за формирање пензионерски секции, а остварувате контакти и со општински политичари и службеници кои работат на подобрување на условите за поактивен живот на пензионерите, вклучувајќи ги, се разбира, и пензионерите од странско потекло. Какви се состојбите во нашите друштва и клубови кога стнува збор за формирање пензионерски секции?  

-Точно така оваа дискусија е покрената во прв план од страна на политички фактори во Шведска и преку општинските служби и дејности за социјални прашања се пренесува и до доселеничките групи и нивните организации, меѓу другите, и до нас. Ова е можне важно прашање за нас како прва генерација, односно како генерација која е на излезот од активниот живот во општеството и како генерација која се соочува и со тешкотии околу познавањето на шведскиот јазик. Тука нема дилеми, сите сме согласни околу тоа. Е, што се случува сега? Кога ќе се земат предвид сите овие фактори, да не заборавиме дека со годините попушта и здравјето па токму затоа се бара решение како да се овозможи еден поквалитетен живот на постари години, а сепак во рамките на решенијата предвидени со економската и социјалната политика. Во тој поглед се мисли дека и ние како доселенички организации ќе можеме да дадеме сопствен придонес. Кога станува збор за прашањето до каде сме стигнале, тука би можеле да речеме дека нештата почнуваат да се движат нанапред, иако споро, но сепак во позитивна насока. Ете, на пример, во некои друштва се формираат пензионерски секции, во други е во тек дискусија околу тоа прашање, но ќе треба уште многу да се работи околу ова прашање за да можеме да речеме дека сме постигнале извесен успех. Ќе бидат неопходни долгорочни активности, кои, да се надеваме, ќе го дадат посакуваниот резултат. Едно е сигурно, треба упорно да се работи. За она што не ќе можеме да го направиме самите, ќе се обратиме до надлежните органи, во прва рака до општинскиот Совет за социјални ресурси (Socialresursnämnden), се разбира, на подрачјето на општините во кои живееме. А и Сојузот ќе мора да се позанимава со ова прашање бидејќи сепак станува збор за една покомплексна материја. Во таа насока е веќе започната дискусија со локалните органи во Гетеборг. Тие, со искуствата и средствата со кои располагаат, ќе се обидат да ни помогнат.

На последното гоишно собрание на друштвото “Гоце Делчев“ во Гетеборг бевте избран за претседател. Ова е едно од најголемите македонски друштва во Скандинавија, а годинава ќе го прослави својот 40-годишен јубилеј. Какви активности планирате за годинава?

-По 14 години повторно станав претседател на “Гоце Делчев“ и со тоа ми припадна честа, заедно со управниот одбор, да го организираме 40-годишниот јубилеј. Тоа се планира за октомври годинава. Инаку, сите активности ќе се одвиваат нормално, а ќе се обидеме и да ја збогатиме програмата. Секој вид помош од членовите е добредојдена. Затоа се надевам дека нашите членови во наредниот период ќе бидат поактивни.

Во септември годинава ќе се одржат локални и парламентарни избори во Шведска. Во колква мера нашите друштва би требало да им овозможат на членовите да се информираат околу текот на предизборната кампања? Обично се вели, овде живееме, значи во Шведска, и, според логиката на нештата, би требало во прва рака да не интересира политиката за која се залагаат овдешните партии, бидејќи тоа директно влијае на нашето секојдневие. Како околу тоа размислуваат членовите во нашите друштва?

-Предизборната активност е веќе во тек и ќе биде се поинтезивна како што ќе се наближува септември. А што се однесува до прашањето колку нашите друштва се активни околу тие прашања, сметам дека со исклучок на едно-две друштва, останатите речиси не покажуваат никакво интересирање на тој план. Ние неактивност на овој план ја правдаме со тоа што велиме дека не сме политички организации и дека не треба да се мешаме таму каде што не ни е местото. МС, кој треба да биде движечка сила во тој поглед, исто така е пасивен. На мислење сум дека годинава треба да покажеме поголема ангажираност и да им овозможиме на нашите членови колку што е можно подобри информации со тоа што ќе ги каниме политичките партии на предизборни дебати во нашите друштва. Се разбира, на граѓаните останува да гласаат за онаа партија за која сметаат дека е најбислку до нивните политички убедувања. Со таков пристап нашите друштва и понатаму ќе функционираат како неполитички организации, но во исто време ќе покажеме дека активно го помагеме демократскиот поредок на земјата во која живееме, а тоа е Шведска.

 

 

Додадени се друштва на МС
Јун 18, 2012
Посетете ги линковите до повеќето друштва...

Додадени се нови слики во галеријата.
Јун 18, 2012
Посетете ја нашата галерија...

Дома  |  За Нас  |  Om Oss  |  Новости и Активности  |  Друштва  |  Галерија  |  Претседателство на МС  |  Контакт
Македонски Сојуз ©2012.

 
Design by Centrog