Интервју со Ацо Каланоски, координатор на Деловно-консултативниот совет на Македонскиот сојуз во Шведска

Сакаме да им помогнеме на македонските фирми да се промовираат на скандинавскиот пазар
blog   
slika

Господине Каланоски, вие бевте иницијатор за формирање на Деловно-консултативниот совет кој од пред извесно време функционира под чадорот на МС. Дали еден од мотивите за формирање на ваков вид совет беше стимулирање на помладите членови во рамките на македонската заедница на овие простори, а со цел да се слушнат нивните идеи и предлози за унапредување на дејноста, посебно кога станува збор, значи, за деловни бизнис-релации и воопшто земено за поттикнување стопански иницијативи во доменот на шведско-македонската соработка?

-Да. Деловно-консултативниот совет е една од рамките каде што оние кои се заинтересирани за деловни теми ќе можат да се најдат.

Во минатата година оддржавме два семинара, во Гетеборг и Хелсингборг. Имавме добра соработка со амбасадорот и со економскиот промотор при Македонската амбасада во Стокхолм. Направивме добри релации и со Извозниот совет на Шведска и веќе се отворија добри перспективи и можности за “влез“ во проекти. Стапивме во контакт со фирми од Македонија и со нив веќе воспоставивме солидни контакти, како, на пример, со Факом АД-Скопје. Тие сакаат да се промовираат на скандинавскиот пазар и ние ќе им помогнеме со оние капацитети со кои располагаме. Интересот е најбитен. Ако постои интерес, мислам дека е реално да се очекуваат резултати.

Какви активности се планирани од страна на Деловно-консултативниот совет за оваа година?

-Годинава сакаме да го реализираме проектот “Ostbricka". Сакаме да организираме мини-саем на кој ќе поканиме производители на вино, сирење, кашкавал и овошје од Македонија, а од Шведска сакаме да ги поканиме винските увозници и производителите на опрема која ја користат винариите. Мислам дека ќе биде интересно. Нема да биде тоа само саем на вино, ќе биде многу повеќе. На нашите винарии ќе им презентираме дел од културата со која се идентификуваме тука во Шведска. Ostbricka (послужавник за деликатесни сирења) е типичен шведски продукт кој е дел од културата на многу генерации. Вино, сирење, овошје аранжирано со префинет стил. Релаксирачки и мошне пријатно. Ако успееме да ја наметнеме приказната за традициите кои ги има Македонија во производството на вино, винските карневали и патот на виното како убава туристичка атракција, ќе направиме многу. Преструктираните стари, но и новите мошне интересни винарии, покажуваат тенденција на растечка и силно перспективна гранка. Но, да не зборуваме пред време, на нашата веб-страница ќе бидат објавени конкретни информации за тоа, а уште од сега во реализацијата на овој проект може да се вклучат сите заинтересирани.  

Во изминатите неколку години бевте активно вклучен во организираните форми на дејноста што се спроведува во рамките на Македонскиот сојуз, меѓу другото и во функција на организационен секретар на МС. Што подразбира оваа функција што ја извршувавте во изминатите две години и какви се вашите искуства врз база на активностите во чија реализација непосредно учествувате?

-Функцијата подразбира координативна улога во реализацијата на активностите на МС. Тоа е оној дел од Претседателството на МС кој е малку покооперативен, повеќе комуникација со друштвата и клубовите, особено кога станува збор за манифестациите, јубилеиите и слични активности. Искуствата се различни. Имаше активности кои беа реализирани онака како што беа планирани, но и активности кои иако беа закажани, не се одржаа. Едноставно не успеавме. Некаде ни појде од рака да одржиме високо ниво на комуникација со клубовите, а некаде бевме игнорирани. Има и такви кои ја одложуваат реализацијата на нашите иницијативи. Дали навистина држи причината која ни ја соопштуваат, или не` одложуваат во недголед за да не` откачат, демек “со дикат“, не знам...

Во повеќе наврати досега е констатирано, на разни состаноци, тркалезни маси и собранија, како и во извештаите за реализација на годишните планови и програмски содржини, дека обемот на дејноста на МС, а и на локален план во друштвата и клубовите, се повеќе се намалува. Воедно се намалува и членската база. На што се должи таквиот развој?

-Мислам дека и друштвата и МС не успеаја да се приспособат на новите предизвици кои ги донесе современото шведско општество. Најпрво имаше процес на интеграција (integration), потоа тој беше елегантно, но и суштински заменет со процес на приспособување (anpassning). Сега се промовира еден друг концепт или процес, кој значи повеќе партиципација, соучесништво и слично (delaktighet). Ако тие процеси ги поставите на јавна дебата во условно речено - нашите средини, одвај дека ќе изброите десетина луѓе кои ќе ја погодат темата. И секогаш ќе ви кажат дека шведските институции се виновни за тоа што не знаат или што не разбрале. Во принцип се одвиваа процеси кои прегазија една цела генерација, а таа се уште не е свесна што и случило. Тие се уште мислат дека е најбитно да го “свртиш крпчето на кец“ и така пет пати во годината помножено со 30-40 години. Но, времето си помина, новите генерации најдоа нови предизвици. Живееме во време кога сите мора да покажат одговорност кон општеството во кое живеат. 2010-а е изборна година во Шведска. Многу прашања за првпат ќе бидат поставени на многу јасен и прецизен начин. Мислам дека е јасно оти и Македонскиот сојуз и друштвата мора да покажат волја да учествуваат во креацијата на односите во општеството со оние капацитети со кои располагаат и за оние теми за кои имаат интерес. Никој друг отстрана нема да ги решава таквите предизвици за нив.

Често се дискутира за отсуството на младите од организираното живеење во рамките на македонската заедница на овие простори. Зошто младите не го наоѓаат својот интерес да се вклучат во работењето на друштвата и клубовите и во рамките на МС као координативен орган? Зошто, всушност, младите од македонско потекло не чувствуваат потреба и немаат мотив да дадат свој личен придонес во натамошната аформација на македонското присуство во Скандинавија?

-Она што им заедничко на младите е релативно комотната економско-социјална основа. Во тој дел, барем досега, нашиве немаа проблем. Еден дел од младите се сериозно интегрирани во општеството и тие природно се таму каде што имаат социјален интерес. На пример, играат голф, одат на риболов на отворено море со сопствени или со изнајмени клупски јахти, едрат, планинарат, играат фудбал, ине-банди, некои членуваат во политички партии, некои во организации кои се занимаваат со општествени проблеми и таму се исполнуваат себеси. На таков начин комуницираат со луѓе од својата бранша, живеат во тој и за тој свет. Тие имаат сосема поинакви социјални ставови. Една друга група е ни ваму ни таму. Тие имаат проблем со интегративните процеси заради јазикот и заради незокруженото образование пливаат во социјалниот амбиент. Тие се нешто “као у фазону“. Клубовите и МС им се одамна изживеани “селски институции“, а нозе ќе искршат кога ќе дојде некоја певаљка од Македонија, и тоа од понизок ранг. Со првата група треба да се седне и да се разговара и да им се понудат теми и простор, а со другата не знам, нејзе толку и “дал Господ“, таа ќе се врти наоколу и ќе го глуми феноменот на “лесна кокошка“. Знаете кога петелот бркал две кокошки. Едната рекла јас ќе застанам па што сака нека биде, а другата рекла дека ќе истрча уште еден круг за да не мислел петелот оти е лесна кокошка.

Што би можел да понуди МС за да стане поатрактивен во очите на помладиот дел на македонската колонија во Шведска? 

-Најнапред, друштвата и МС треба вистински, не само декларативно, да станат членки на сите современи асоцијации во општетството. Само така ќе се види со кои предизвици се занимава шведското општество и на кој начин може да се биде дел од решението на тие проблеми. Низ контактите ќе се види кој може, а кој не, и кој со каков проблем сака и може да се занимава. Тие процеси ќе отворат нови или т.н. процеси на социјална селекција. Не може да се игнорира СИОС, а да се декларира дека сме дел од исленичките организации. Не може да се биде член на АБФ, а да не се сака да се прифати друга вистина, друга вештина, друго знаење. Недозволено е да сме надвор од активностите на “розевата панделка“ во борбата против ракот. Недозволиво е да се игнорираат настаните кои му се случуваат на Гетеборг (палење автомобили и протести) и да се глуми ној со главата во песок. Нам ни е очајно потребно вмрежување. Контакт и соработка со други асоцијации. Тогаш ќе видиме до кај сме стигнале и кој, зошто и во која мера ни е потребен. Така ќе ги пронајдеме нашите млади. Тие не исчезнаа никаде. Тука се. Со нив треба да се контактира.

 

 

Додадени се друштва на МС
Јун 18, 2012
Посетете ги линковите до повеќето друштва...

Додадени се нови слики во галеријата.
Јун 18, 2012
Посетете ја нашата галерија...

Дома  |  За Нас  |  Om Oss  |  Новости и Активности  |  Друштва  |  Галерија  |  Претседателство на МС  |  Контакт
Македонски Сојуз ©2012.

 
Design by Centrog