Интервју со Кире Кленковски, поранешен претседател и почесен член на Македонскиот сојуз во Шведска

Младите мошне тешко се вклучуваат во дејноста
blog   
slika

Господине Кленковски, каква е вашата оцена околу активностите кои беа спроведени во рамките на Македонскиот сојуз во Шведска во текот на оваа година? Каков вид активности најмногу го привлекуваат вниманието на членството во друштвата и клубовите и какви проблеми најмногу се присутни во рамките на организираното живеење на македонската заедница на овие простори?

-Од програмата која сите заеднички ја усвоивме на состанокот на Советот во февруари 2009 година, за жал, добар дел не можевме да реализираме поради неодговорност и нонашалантен однос на членството, т.е. на одговорните лица кои го претставуваат членството.

Јас лично не сум задоволен со работењето на одделни личности во составот на Претседателството на МС бидејќи не дадоа труд и време за активно да учествуваат во реализацијата на планираните задачи. Инаку, се чини не е тешко да се набројат активностите кои го привлекоа вниманието на поширокото членство во друштвата и клубовите, а тоа се: Денот на македонската поезија, деловните семинари во Гетеборг и Хелсингборг “Откријте ги можностите“, посетата на македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски во Гетеборг, групното патување за Стокхолм по повод празникот 8 Септември, Ден на независноста на Македонија. За проблемите не би сакал да зборувам детално, само повторно би го изразил моето незадоволство и би рекол дека за намалување на членството, за намалување на обемот на активностите по друштвата и клубовите и индиректно на сојузно ниво, вината во добар дел е кај управните одбори. Имаат прифатено да работат со утврдените задачи и активности, но, за жал, им недостасува знаење и компетенција на каков начин се раководи со едно друштво, како да се стимулираат членовите и како се планираат и организираат активностите. Како резултат на сето ова се јавува групирање на членството, семејни проблеми и и некаков вид љубомора, кои негативно се одразуваат на работењето во друштвата. Навремено информирање и почеста комуникација со членството се два важни фактора за постигнување резултат при спроведувањето на планираните активности.

Годинава најстарото македонско друштво во Шведска, “Македонија“ во Малме, го одбележа својот 40-годишен јубилеј. Во 2010 година своето четиридецениско постоење ќе го одбележат уште две големи македонски друштва, “Гоце Делчев“ во Гетеборг и “Пелистер“ во Трелеборг. Исто така и Македонскиот сојуз ќе одблежи два значајни јубилеја - 20-годишнината на поетската манифестација и 30-годишнината на Македонскиот фолклорен фестивал. Какво е значењето на овие јубилеи за иднинат на дејноста што веќе неколку децении се одвива во рамките на Сојузот на македонските друштва и клубови во Шведска?

-Искрено речено, многу ме радува дека и покрај намалениот обем на активностите и лошата економија за финансирање на дејноста има поединци кои даваат се од себе за да го сочуваат тоа што тие самите или нивните претходници го создале од почетоците на доаѓањето на Македонците во Шведска, поточно речено од крајот на шеесетите години на минатиот век. За поздравување е фактот дека одделни друштва и понатаму активно работат, но таквите не се многу на број. Ме загрижува иднината на МС. Бев присутен на свеченоста по повод одбележувањето на 40-годишнината на нашето најстаро друштво, КСД “Македонија“ во Малме. Во своето обраќање, претседателот на ова друштво, Борче Андовски, како и со прикажување на филм и изложба, не потсетија на минатото, на остварените резултати и постигнатите успеси на културно и спортско поле и на другите убави спомени и сеќавања од работењето на оваа асоцијација на македонските доселеници на подрачјето на Малме и околината. Мое мислење е дека ваквите јубулеи сепак немаат некакво посебно значење за иднината и учеството во дејноста во рамките на МС. Мнозинството од нашите помлади членови се асимилирани во шведското општество и мошне тешко се успева во напорите за нивно вклучување во активностите на друштвата и на Сојузот во целина.  

Вие имате големо и долгогодишно искуство како претседател на Македонскиот сојуз. Ште е тоа, според ваше мислење, ги оддалечува младите од активностите во друштвата и клубовите?

-Кога ги споменуваме младите, можам да речам дека тие биле и ќе бидат мои најсакани и најпожелни соработници. Во текот на мојата 12-годишна одговорност на функцијата претседател на МС, младите постојано добиваа приоритет. За жал, многумина од нив не можеа да се приспособат на работењето во друштвата, бидејќи нивнот начин на размислување и желбата за работење не се поклопуваат со начинот на работење и сфаќањата на постарите. Постојано беа изложувани на критики дека се млади и неискусни. Колку повеќе времето минуваше толку тие повеќе се оддалечуваа од нас и се асимилираа во шведското општество каде што беа прифаќани на пољубезен начин и каде што им се овозможува поголема самостојност во работењето.

Каква е ситуацијата кога станува збор за ангажманот на Женскиот актив при Сојузот?

-Кога станува збор за Женскиот актив, јас сум еден од оние што се труделе во неколку наврати да ги собереме жените, да ги организираме и по потреба да ја реоганизираме нивната работа како актив на сојузно ниво. Во некои друштва жените се мошне активни. Нашата цел пред се беше зголемување на членската база на ЖА. Но, мошне тешко оди со формирањето на активи на жени во оние друштва каде што такви активи не постојат. Токму затоа, за жал, немавме поголеми успеси во зголемувањето на членството на ЖА при Сојузот. А и резултатите од работењето на ЖА не се задоволително ниво. Иако инсистирав на некои новини во работењето, ништо специјално ново не се случило во последниве години. Замислата и желбата за постигнување поголеми успеси е навистина присутна, но едновремено е присутен и недостиг од компетенција. Сепак, морам да ги пофалам жените за успешните резултати на локален план во друштвата, бидејќи без ангажирањето на жените некои друштва досега би биле згаснати. Се надевам дека во 2010 ќе имаме поголеми успеси на овој план.

Во февруари 2010 година ќе се одржи годишно изборно собрание на МС, кога ќе се избира и ново претседателство со двегодишен мандат, а ќе биде усвоена и програма за работа за 2010 година. Што би сакале да им порачате на делегатите од друштвата и клубовите кои ќе учествуваат во работата на собранието?

-Драги Македонци, драги соработници, крајно време е да пристапите сериозно кон задачите и да размислите дали сте подготвени да ја прифатите улогата како делегат на вашето друштво во Сојузот, ако, се разбира, биде предложени и избрани на годишните собранија во вашите друштва и клубови. Дали ви е познато што значи да се биде делегат, каква должност ве очекува? Дали располагате со соодветна компетенција за тоа? Во изминатите мандатни периоди се соочував со членови кои прифаќаа одговорност, но зпотоа не доаѓаа на состаноците и беа главно отсутни од работењето, ангажирани со активности на сосема друга страна. Практично со ништо не придонесуваа за дејноста во рамките на македонската заедница.

На крајот, што ќе им порачате на нашите друштва и клубови? Сведоци сме дека нашата татковина, Република Македонија, води интезивна дипломатска битка на меѓународен план за одбрана на својот идентитет, на своето вековно име. Во колкваа мера и ние Македонците во Шведска можеме да продолжиме да го даваме својот придонес за афирмација на македонскиот културен и јазичен идентитет на овие простори?  

-Сите треба да сме горди како Македонци на нашето име. Се надевам дека секој еден од нас и во иднина ќе остане во својата душа и дух како Македонец. Да не дозволиме да ни го променат идентитетот, независно како ќе заврши борбата и до какво решение ќе дојдат политичарите околу името. Но, за жал, морам да речам дека не сум нарочно голем оптимист кога станува збор за нашите друштва и клубови во Шведска. Од 12-те друштва што денес се членови на МС, верувам дека половината, ако не и повеќе, ќе исчезнат во наредните 5-10 години. Затоа се обраќам до сите управни одбори во друштвата и клубовите серизно да се ангажираат во борбата за опстојување на нашето организирано живеење. Повторно да се започне со организирани средби и изучување на македонскиот јазик, значи, да се работи пред се со најмладите но и со сите други заинтересирани, да се реактивираат фолклорните секции и за јуниори и за сениори, да се направат напори за организирање на пензионерски секции. Женските активи да продолжат со своите активности бидејќи даваат значаен придонес за афирмација на македонскиот кулрурен идентитет на овие простори. Тие се главни столбови во друштвата, околу нив се собираат и мажите и децата. Би сакал да ја искористам оваа пригода и да испратам срдечни поздрави и честитки до целото членство, посебно до сите оние со кои сум соработувал во изминатиот период и до сите што ќе ја посетат страницата на Сојузот и ќе го проследат ова интервју. Би сакал да се заблагодарам за остварената соработка во текот на изминатата 2009 година, иако не станува збор за една од поуспешните години во историјатот на нашата дејност, но едновремено би изразил надеж дека Новата 2010 година ќе ни донесе повеќе ентузијазам за постигнување на поголеми успеси и резултати во работењето како на локален така и на сојузен план.

На сите им посакувам многу љубов, среќа, и добро здравје.

 

 

Додадени се друштва на МС
Јун 18, 2012
Посетете ги линковите до повеќето друштва...

Додадени се нови слики во галеријата.
Јун 18, 2012
Посетете ја нашата галерија...

Дома  |  За Нас  |  Om Oss  |  Новости и Активности  |  Друштва  |  Галерија  |  Претседателство на МС  |  Контакт
Македонски Сојуз ©2012.

 
Design by Centrog