Интервју со Јован Божиновски, претседател на Македонскиот сојуз во Шведска

blog   

Господине Божиновски, и годинава Македонскиот сојуз имаше повеќе активности и ја координираше организацијата на културните манифестации кои се дел од редовната годишна програма за работа. Како би го оцениле сработеното и постигнатите резултати во изминатите неколку месеци?

Ако се има предвид дека станува збор за манифестации кои се одржуваат уште од почетоците на организираното живеење во рамките на македонската заедница па да денес, може да се рече дека во првите десетина години истите беа поуспешни. Македонските друштва во тој период беа поактивни, а имаше и поголема посетеност. Потоа започна постепено опаѓање на обемот на активностите, во прв план кај самите друштва и клубови, а тоа не донесе во ситуација речиси и да немавме посебен програмски дел на манифестациите, туку целата работа завршуваше само како една обична музичка забава, што за жал не остава простор за задоволство. Овде пред се мислам на Фолклорниот фестивал, однсоно сегашниот Ден на македонската култура во Шведска, како и на спортскиот, односно Младинскиот фестивал. Зимскиот фестивал веќе подолго време воопшто не се одржува. Да ги споменеме и Деновите на македонската поезија, кои се организраат мошне успешно, а сега веќе прераснуваат и во мини фестивал на македонската поезија на овие простори. И ако би можеле накусо да сумираме, што се однесува до годинашните манифестации, кои ги имаше повеќе од вообичаеното за пролетниот период, мислам дека даваат надеж за збогатување на активностите, и тоа пред се во самите друштва, а што веќе се покажа со значително збогатената програма и настап на повеќе друштва во рамките на годинашниот Ден на македонската култура. Искрено се надевам дека ваквиот тренд ќе продолжи, и ќе биде уште побогат, при што младата генерација ќе го даде својот придонес во негувањето на македонската култура.

Пред нас е летниот период кога интензитеот на дејноста обично се намалува. Ќе има ли некои активности во кои ќе бидат вклучени претставници на МС во текот на летото? 

Кога сме кај летниот период, дозволете ми најнапред да им посакам убави годишни одмори на сите наши членови. А што се однесува до Претседателството на МС, нормално е да бидеме вклучени во извесни летни активности, иако можеби со помал интензитет. Еве неколку примери: претставници на МС ќе одржат средба со претставнмици на АБФ на централно ниво, при што ќе бидат разгледани прашања во врска со натамошната соработка. Наши претставници ќе учествуваат и во работаата на годишната Иселеничка конференција во Скопје, што секоја година ја организира Агенцијата за иселеништво на РМ. Инаку, МС има мошне добра соработка со Агенцијата. Планирано е исто така претставнички на Женскиот актив при МС да остварат контакт со Детската амбасада „Меѓаши“ во Македонија и со некои други организации, а со цел да се создадат претпставки за збогатување на активностите во рамките на нашите друштва и клубови во Шведска.  

Напорите за формирање нови друштва во рамките на МС вродија со плод. Како што е познато, формирани се две нови друштва, Македонското поетско друштво „Денција“ и Шведско-македонското друштво на пријателство. Дали можеме да очекуваме и нови иницијативи на овој план? На пример, кога станува збор за македонски пензионерски секции и друштва, кои веројатно би можеле да бидат формирани во повеќе градови.  

-Да, факт е дека се формирани две нови друштва, но вистина е и тоа дека некои од порано основаните друштва веќе не постојат. Туку можеме да ги споменеме друштвата „Вардар“ во Скара, „Илинден“ во Векше, „Пелагонија“ во Еслев и некои други. МС прави напори за реактивирање на тие друштва, но тие напори не се одвиваат со посакуваната брзина, бидејќи е неопходно некој да ја понесе одговорноста. А што се однесува до нови друштва, јас сум уверен дека има потреба од нив, како на пример кога зборуваме за пензионерски друштва. Во Борос веќе иамаме таква иницијатива. Би моеле да формираме и друштво на риболовци, па да организираме и натпревари. Се разбира, има простор и за нови здруженија во областа на друг вид активности, на пример друштво на интелектуалци, кое би дало придонес во подобрувањето на електронската комуникација и размена на искуства во рамките на МС и пошироко.

Женскиот актив при МС работи со своја програма на активности и се обидува да ги анимира и поврзе женските секции при нашите друштва. Каква е состојбата со младинските активности? Постојат ли можности за формирање и на Младински актив при МС?

-Ангажманот на Женскиот актив навистина заслужува внимание и ја има целата поддршка на МС. Во однос на прашањето поврзано со формирање Младински актив, јас мислам дека таква потреба би се создала сосема природно доколку младите помасовно се вклучат во дејноста на друштвата и клубовите. Мислам дека таков вид активност веќе се забележува во некои друштва и затоа е можно наскоро да дојде и до формирање на младински секции, а со тоа и Младински актив во рамките на МС. Кога веќе зборуваме за младите, мислам дека треба поактивно да ги слушаме нивните желби и размислувања, а тоа можеби најдобро би го направиле преку социјалните мрежи како Фејсбук, Твитер и други.

Лани за првпат македонската дијаспора доби можност да гласа на параламентарните избори во Република Македонија. Многумина од Македонците во Шведска имаат двојно државјанство, така што гласаат и на изборите во Шведска. Во колква мера нашите друштва би требало да им овозможат на членовите да се информираат околу текот на предизборните кампањи?

-Благодарение на измените во Изборниот законик, на дијаспората и се овозможи да гласа на изборите во татковината. Ние овде гласаме и на парламентарните избори во Шведска, а македонските друштва и клубови прават напори за навремено информирање на своите членови во врска со одржувањето на изборите и во Шведска и во Македонија. Мислам дека тоа најдобро се прави кога се покануваат политичари од разни партии да ја претстават својата изборна програма, а со што друштвата и клубовите остануваат неутрални во однос на партиите. Во крајна линија, треба да се рече и тоа дека од нас како заедница сепак се очекува дека активно ќе ги поддржуваме демократските процеси во општеството.

 

 

Додадени се друштва на МС
Јун 18, 2012
Посетете ги линковите до повеќето друштва...

Додадени се нови слики во галеријата.
Јун 18, 2012
Посетете ја нашата галерија...

Дома  |  За Нас  |  Om Oss  |  Новости и Активности  |  Друштва  |  Галерија  |  Претседателство на МС  |  Контакт
Македонски Сојуз ©2012.

 
Design by Centrog