Со чисти раце

blog   

Отсекогаш било тешко да се одбере тема за пишување. Особено во јули. Овде, во Шведска, упорно врне. Дури и кога температурите ќе отидат на пристојните 20 степени, на толку дожд и влага ви е исто толку здодевно како и на оној припек во Скопје. Така барем човек си се теши. А така слатко сега би се телепортирал на улица „Македонија“.

Всушност, бев вчера околу 22 часот. Додуша со помош на вебкам на идивиди. Мислев дека на видео бим ќе има утакмица и дека како лани ќе има многу публика. Почна утакмицата и нашиве почнаа да ги мелат доминканциве. Беше добро ама имаше нешто што не ми се допаѓаше и што ме правеше несигурен. Почна едно време да ме јаде јанѕа, ама не сакав да кобам. Во второто полувреме бевме буквално прегазени. Ни отодоа во неповрат олимписките соништа. Јас некако наеднаш изгубив желба да се телепортирам на плоштадот Македонија. Повеќе ми одговараше да останам со убавите спомени на минатиот септември кога се најдов во Македонија. Празник, убаво време, многу народ и една по една победа на кошаркарите. Незаборавно и засега неповторливо. Да се биде на право место, во право време и со прави луѓе. Е, тоа е тоа.  

За некој што сака да напише некој збор треба и настаните да се потрефат, нели. Овде во Шведска имаше една симпатична недела во Алмедал , на островот Готланд. Порано се викала недела на политичарите во Алмедал. Велам симпатична бидејќи се собираат наjвисоките преставници на сите парламентарни политички партии. Сите добиваат по еден ден. Тогаш организираат трибини и дебатираат за најважните политички прашања. Симпатично и многу, многу релаксирачки. Еден податок сепак отскокнуваше од таа рилекс атмосфера. Имено, службата за безбедност, СЕПО, годинава направила многу поголеми трошоци од вообичаените. Најверојатно поучени од минатогодишниот масакр во Норвешка, кога оној монструм Брејвик ликвидираше 77 недолжни луѓе, сега сите во регионов дуваат и на јогурт. Но, добро е што е така бидејќи навистина беше непријатно да се слушне и види на судењето како се градел мотивациониот механизам кај Норвежанецот. 

Но, ајде да сконеме малку во Македонија и да видиме таму кои настани ги одбележија последниве две недели. Извадија една сподоба од соседството, која, види богати „са Црвенковским и Фрчковским је имао сусрет у елитној скопској кафани Идадија“. Колку наивно. Прво, „Идадија“ е култна , а не елитна кафана. И она што е нелогично и трагокомично е што од толку службени објекти во државава премиерот и првиот полицаец ќе најдат на сред Дебар маало да договараат шверц со нафта. А бе ајде!? До толку токмаци не се овие двајца. Напротив! Премачкани се со сите нијанси.  

Кој се не кажа дека имало шверц со нафта за време на ембаргото. А досега се сменија неколку влади и никој не успеа да најде саглам документ. Во царина, финансии по банкиве. Ниту една испратница, или запис од движење на локомотиви, вагони, камиони. Добога бре, луѓе! Немојте веќе да не потценувате. Ако имате нешто сериозно во ред, ако не ќутете. Не се резилете. Еден пратеник од првиот парламентарен состав имаше обичај да каже вака. Се молат каурите да не прават цигански работи. Со сета почит кон припадниците на ромската етничка заедница, секако. 

Конечно Бранко и Љубчо се поздравија. И не само тоа. Се договорија дека имаат заеднички непријател. Во 2001 година тешко им одеше дефинирањето на работите, но сега им успеа. Добро и тоа е нешто. Барем така се почнува, нели. Како ли ќе се одржат двајцата во амбиентот во кој егзистираат е големо прашање. Братот Љубе е веќе во затвор за нелегално финансирање на својата политичка партија, а Љубчо промовирајќи ја книгата рече дека во 2001 година ги исплаќале пратениците за да останат во партијата. Кажа уште за неколку исплати од партиската каса по што човек стекнува впечаток дека се и сешто е дозволено и се и сешто е можно. 

Премиерот пак, за кој Бранко тврдеше дека по три дена раце не миел кога со Љубчо се поздравувал, ме разочара во интервјуто на Канал 5 телевизија. Што му требаше да се препира со Роберт Поповски, не ми е јасно. Не дека нема кој да му каже, напротив. Прашањето е само дали ги слуша тие околу него задолжени за неговите настапи.  

Пред десетина години имав прилика да се сретнам со него два пати. Во поранешна скопска Железара на промоција на два проекти. Изгледаше многу прибрано и одмерено. Првиот пат беше министер за трговија, а вториот пат министер за финансии. Јас со него само се поздравив и се претставив. За да не се создаде погрешна слика за работите, нели. Криво ми е од оваа дистанца што ги измив рацете. Таму беа и Љубчо со пола тогашна влада и Фрчко и едно чудо бизнисмени. Ех, да знаев! Можеби ќе се фатеше мајата и од мене ќе станеше некое тешко политичариште на извонредно тешката и планетарно заначајната македонска политичка сцена. 

Се сеќавам како во магла и зошто панично отидов да ги измијам рацете. Да, да! Заради Ламбе беше. Се сеќавате на Ламбе, нели!? Беше министер во владата на Љубчо. Е, токму тогаш кружеше еден охридски виц кој завршуваше со следнава поента: „да дај’т господ Ламбе да те миет“. Се појавуваа карикатури во весниците за Ламбе во врска со тоа и еве како сега паметам дека од тоа ми беше некако шубе. Цел се наежив. Бррррр...!!!!!!!!!!!! 

Но, драги мои пријатели, на кои нема да ви се здосади од оваа форма наречена колумна, само уште една мала, но за нас многу значајна информација. Минатата недела во еден македонски весник прочитавме информација дека на граничните премини ќе се делат брошури или флаери (така модерно ги викаат) од кои ќе можеме да прочитаме со која патна исправа можеме да влегуваме или излегуваме од Република Македонија. Кога и каде да го одјавиме или пријавиме нашето живеалиште, во кој случај и каде да го пријавиме престојот итн.  

Драго ми е што на таа фотографија го видов директорот на Агнецијата за ислеништво, г-динот Васил Наумов и драго ми е што прочитав дека иницијативата е на пратениците од дијаспората. Еден од нив тројца е г-динот Ристо Манчев. На последното годишно собрание на Македонскиот сојуз токму со последниве двајца и со конзулот Владимир Ќосевски се обидовме да ја третираме темата поврзана со двојното државјанство, патните исправи, одјавување на живеалиште ако подолго од три месеци престојуваш или живееш во странство итн. Во таа прилика на г-дин Ристо Манчев му предадовме една писмена иницијатива која ги третираше токму овие теми. Ако ова што се случува делумно е резултат и на таа наша иницијатива тогаш одлично. Убаво е чувството да видиш некоја реализација или да осетиш дека нешто што е разумно, логично и рационално поминува. 

Во спротивно останува човек да мисли дека успехот или неуспехот е некаква имагинарна категорија и е во некаков каузалитет со миењето раце. 

Автор: Ацо Каланоски 

 

 

Додадени се друштва на МС
Јун 18, 2012
Посетете ги линковите до повеќето друштва...

Додадени се нови слики во галеријата.
Јун 18, 2012
Посетете ја нашата галерија...

Дома  |  За Нас  |  Om Oss  |  Новости и Активности  |  Друштва  |  Галерија  |  Претседателство на МС  |  Контакт
Македонски Сојуз ©2012.

 
Design by Centrog