Ептен тешке су речи паднуле...

blog   

Деновиве имав сериозна намера да ја третирам темата која на Третата конференција на иселенички организации ја наметна токму премиерот Груевски. Имено, тој ги повика иселениците да инвестираат во Македонија. Добро! Ништо спорно, ништо невообичаено. Сме го виделе и слушнале тоа и досега. Мислам дека сега покојниот, поранешен премиер Кљусев имаше обичај да инсистира на тоа. Црвенковски ниту еднаш или пак јас не се сеќавам дека ја третирал темата. Георгиевски сигурно го изјавил тоа некаде, а ако не кај да ќе стресе нешто на таа тема со гаранција. Го слушнав неколку пати Бучковски, а за Костов искрено, не знам, и за малку ќе заборавев дека беше и премиер.

И ми се виде згодно, додека го чекам претседателот на Македонскиот сојуз, Јован Божиновски да ни каже како си поминал на конференцијата, да објаснам што сакавме да постигнеме кога го формиравме Деловно консултативниот совет (при истиот сојуз). Понатаму сакав да објаснам што направивме, што ненаправивме и зошто, и малку да се осврнеме на тоа какви се перспективите на сето тоа, на кое, драги мои, не успеавме ниту името да му го етаблираме сериозно. И ден денес ќе слушнете нешто од типот, „Бизнис форум“ , „Економски форум“, „Она со бизнисо(т)“ и слично.

И!? И се откажав. Едноставно неможев да ја третирам темата од кога ја изгледав емисијата Маркет 168 на Алфа ТВ. Гости беа бизнисменот Гуштеров и министерот за привлекување на странски инвестиции Веле Самак.

Од најавата не можеше баш да се насети како ќе се одвиваат работите. Почна во стилот, ти мене војводо јас тебе сердару. И кога заради некаков баланс, од култура ли или заради чувството на достоинство кон фактите, бизнисменот Гуштеров кажа дека процесот на привлекување на странски инвестиции започнал со владата на Бучковски, незаборавајќи да ја испофали сегашната Влада за напорите и резултатите, настана вистински калабалак.

Министерот Самак, реплицираше дека од процес немало ниту “П“ кога Бучковски бил премиер и додаде дека вистински процестот започнал со сегашниов премиер и сегашнава Влада.

„Веле ќе те прекинам, не знам од која планета доаѓаш“ , му реплицираше бизнисменот Гуштеров. Во понатамошниот тек на емисијата бизнисменот извади еден извештај направен од некого кој е вработен или работел за Швајцарската амбасада во Македонија. Во извештајот беа наброени недостатоците кои сме имале прилика да ги чуеме и досега и од домашни од од странски набљудувачи, а се однесувале на искуствата кои странските инвеститори ги имале во Македонија. Ништо ново бидејќи некои делови и со копи – пејст како да ги ставаат 20 години по ред. Министерот Самак се обиде да ја одбрани ситуација, но тоа го направи многу несреќно и на следниов начин. Цитирам...„ Јас се имам образовано во Америка и имам работено во врвни институции и можам многу јасно да ти кажам дека и тие странски амбасади и странски консултанти, кои овде ги имаме вработено, прават шупливи извештаи и недоволно издржани извештаи“... завршен цитат.

Тешке су речи паднуле, имаше обичај Трендо да напише. Ако вработените во странските амбасади кои се школувале во странство прават шупливи извештаи, а министерот Самак се школувал во странство. Каков заклучок да изведеме, а!?

Што да се каже после сево ова. Ништо! Да ви одмили да пишувате и да расправате на тема од типот странски инвестиции. Овие двајца ги има на неколку слики и видео материјали, токму тогаш кога се поставуваше камен темелникот на првата фабрика во зоната Бунарџик. Патем за оние со кратка памет и долг јазик, зоната Бунарџик ја паметиме по лопатите со панделки, тајванците и тогашните министри во тогашната Влада на Република Македонија.

А кога сме кај тогашната Влада уште и тоа дека буквално нема ден, а поранешниот премиер Љубчо Георгиевски да не не стаписа со неговите изјави. Ајде што ни соопшти детали од разговорите со покојниот српски премиер Ѓинѓиќ, туку се сведе и на тоа да ни кажува каква тоалета домаќините користат кога тој одел кај нив на гости. Скраја да е, на гости да ти е страв да го викнеш.

Еве гледајте! Тодор Петров е на тешки маки. Му текна на Тошо да му поднесе кривична пријава на Љубчо и тоа од позиција на претседател на СМК, а овој не го остави на раат да „се прави на Тошо“ ни една недела. Му го залепи и Прометеј со пешкирот и без него и Александар Македонски и Тодор Александров. Што викав кумановци „Фидела Кастро показасва ли си га један на друг или се занимавасва само с’с историју и тресесва само амандмани“.

Јас не би сакал сега да има некави реперкусии од сево ова, бидејќи Љубчо како премиер бил и во Гетеборг, во друштвото „ Гоце Делчев“. Јас тогаш додуша ни во Шведска не сум бил, нели. На што ќе личи сега со својата поетска имагинација да почне да ги реди еден по еден, кој како го дочекал на врата, како бил (с)облечен.

Еј, до каде се спушти политичкава конверзација кај нас. Да тие страв кривична пријава на политичар да му поднесеш. Па макар и бивши. За сегашниве да не зборувам. Ако се од владеачката коалиција можеш да настрадаш. Премиерот Груевски касни по 50 минути и нема шанси ни на дисциплинска да го дадат. А бе каква дисциплинска! Со укор од класен раководител не поминува. А делото го повторува ли го повторува и тоа секоја година по неколку пати. Барем колку што има седници за пратенички прашања.

Ако се дрзнеш некого од опозиција да го третираш „супсидијарно“ тогаш ќе те зборат по цела држава. Во град или во село, во населба или маало. Кај да е и ш’о да е. Еве деновиве се во Охрид и во општина Дебарца. Изгледа луѓево бараат локација за рампа. Да, да! Рампа. Надвор од Охрид. За да може градоначаникот Петрески да организира наплата на скопјарина. Паркинг простор колку сакаш. Кој знае каде ќе ја промовираат идејата. Можеби во с.Мешеишта и тоа на први август навечер, спроти Илинден. Има едно чудо народ. А, богами има и питулици и ѓомлезе. Кисело млеко, маштејнца... ќе се најт неш’о. Ш’о да е!

Туку ајде јас многу, многу да не се опуштам да не му текне некому од опзициониот караван да ме изрезили пред моите мешеиштани. Не дај боже Љубчота да почнале да го носат со себе (од страв да не го соберат) та тој да почне да ме резили пред луѓето. Да почне со насловот. Те како сум го препишал од Трендо. Фалсификатор да ме нарече. Со бела риза или без неа да ме опише. Дури тогаш ќе биде тешке су речи, уствари не тешке, туку ептен тешке су речи паднуле.

Да! Вака ќе го завршам писаниево. Пооргинално е.

Авторот бил дипломиран правник Ацо Каланоски 

 

 

Додадени се друштва на МС
Јун 18, 2012
Посетете ги линковите до повеќето друштва...

Додадени се нови слики во галеријата.
Јун 18, 2012
Посетете ја нашата галерија...

Дома  |  За Нас  |  Om Oss  |  Новости и Активности  |  Друштва  |  Галерија  |  Претседателство на МС  |  Контакт
Македонски Сојуз ©2012.

 
Design by Centrog